Холандска донација - прес конференција

Холандска донација за македонското наследство

На 1.03.2018г. во просториите на Ансамбл Танец се одржа прес конференција на која говореа холандскиот амбасадор господинот Вилем Ваутер Пломп, гостите од Холандија г-дин Петер Ендендајк и Анемик ден Аул, министерот за култура на Република Македонија г-дин Роберт Алаѓозовски и в.д. директорот на Ансамбл Танец, г-дин Стојанче Павловски.

Питер Ендендајк и Анемик ден Аул од Холандија ја купиле првата плоча со македонска музика пред 55 години. Оттогаш, секоја година доаѓаат во Македонија, нарекувајќи ја свој втор дом. На нивната интернет страница може да се видат детални податоци за преку 700 албуми со македонска музика и уште неколку илјади албуми со музика од Балканот. Во текот на последните триесетина години, голем дел од оваа колекција ја имаат и дигитализирано, заштитувајќи на тој начин еден непроценлив дел од македонското културно наследство. За својата љубов кон македонската музика Питер денеска зборуваше во просториите на „Танец“ и на ансамблот му предаде дваесет плочи изворна музика, како и дигитализирани композиции.

– За традиционалната музика се заинтересирав поради програмата за народни танци во моето основно и средно образование. Во текот на следните години, сфатив дека ми лежи музиката од балканските земји. Во текот на годините по мојата прва посета на поранешна Југославија во 1966 година, го купив она што можев да го најдам: македонска, бугарска, грчка, српска и друга музика. Но, исто така, и албуми кои беа издадени вон балканските земји, а имаа традиционална балканска музика. До 1982 година сите мои патувања беа со јавен превоз. Оттогаш, откако ја сретнав Анемик, повторно го пропатувавме Балканот, овојпат со автомобил. Сега можевме да донесеме дури и повеќе плочи и книги дома, рече Ендендајк на презентацијата.

Извонредниот познавач на комплетната дискографија на „Танец“ од 1956 до 1990 на презентацијата зборуваше за историјата на раните снимки со македонска традиционална музика (1950-1965) – снимките издадени во и надвор од поранешна Југославија. За посветеноста и љубовта кон македонскиот фолклор, директорот на „Танец“ Стојанче Павловски им врачи благодарници на Питер и сопругата Анемик и ги нарече холандски Македонци. Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, пак, рече дека тој самиот е официјален амбасадор во Македонија, но дека вистински амбасадори се овие негови сонародници.

– Во Македонија сум повеќе од две и пол години и можам да кажам дека постојат повеќе холандски конекции. Како дипломат се среќавам со многу луѓе, Македонци и Холанѓани, кои работат како вистински амбасадори – поврзувајќи ги двете држави и култури, истакна Пломп. Неодамна, рече, ја слушнал поговорката „немој да играш или пееш во Македонија бидејќи и ќе те надиграат, и ќе те натпеат“ и додаде: „Слушајќи ги и гледајќи ги ’Танец’, не би се осудил ниту да пеам, ниту да играм“.

Министерот за култура Роберт Алашозовски истакна дека ова е редок и возбудлив настан за македонско-холандското пријателство.

– Знаеме дека граѓаните на Холандија се големи и искрени пријатели на Македонија, но големо е изненадувањето и честа што вие, почитувани гости, и го приредувате на земјата и на македонското национално културно богатство. Вашата посветеност кон македонската музика, кон собирањето и чувањето ретки и скапоцени музички записи од „Танец“ покажува огромна љубов и високо ниво на почит кон творештвото на овој ансамбл, како и кон македонскиот фоклор и кон нашата земја воопшто.

Следејќи ги трагите на познатиот холандски новинар и писател А. ден Доолаард, тројцата Холанѓани Фред Волп, Марја и Карлус Коупман летуваат на Охридското Езеро во периодот од 1973 до 1975 година. Во текот на овој период тие ги фотографираат и снимаат музичарите на улиците во Струга, Охрид и околните села – особено за време на викендите кога се одржувале и многу свадби. Дел од овие фотографии беа изложени на овој настан.