Настап на Есенски Музички Свечености 2017
Танец оваа година ќе настапи со свој перфоманс на Есенски Музички Свечености 2017 кои ќе се организираат во Скопје. Вкупно тринаесет концерти содржи програмата на 18-те Есенски музички свечености кои Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ќе ги организира од 3-ти до 30-ти ноември.
Никола Глигоров од ДКУС на пресот рече дека ова ќе се вброи меѓу изданијата со најбогата програма во изминатите години и со исклучително голем број странски изведувачи – од Словачка, Унгарија, Турција, Словенија, Србија, Шведска, Холандија и Русија. Манифестацијата во петок на 3ти Ноември ќе биде отворена со гала-оперски концерт и операта „Кавалерија рустикана“ – реприза од нивната вечерашна премиерна изведба, со кои Операта ја почнува новата сезона и одбележува 70 години постоење. Ќе заврши на 30 ноември со концерт „Поема екстаза“ на Македонската филхармонија со која, рече Глигоров, по неколку години повторно соработуваат.
Од гостинските го издвои концертот на познатата џез-музичарка од Турција Елиф Чаглар и нејзиниот квартет (16 ноември), Женскиот младински хор „Јубилате“ од Унгарија со концерт по повод 50 години од смртта на композиторот Золтан Кодај (10 ноември), вокално-инструменталниот настап на Ансамблот „Танец“ (22 ноември) кој е редовно на програмата на оваа манифестација.
Глигоров рече дека и годинава ќе го афирмираат македонското музичко творештво со јубилеен концерт – овојпат за 90 години од раѓањето и 10 години од смртта на проф. Драгослав Ортаков (15 ноември).
Сите концерти ќе почнуваат во 20 часот. Влезот е слободен за посетители, освен концертите за отворање и затворање (во МОБ и Филхармонија) и двата концерта во Дом на АРМ (за „Танец“ и за Елиф Чаглар џез квартет).
